Во продолжение:
1. Предности на слама
Сламата, освен што во денешно време е многу привлечна - речиси модерна, преставува исклучително поволен материјал за покриви, бидејќи ја регулира и топлината и влажноста во објектот. Таа е и добар градежен материјал, бидејќи од неа може да се формира речиси секоја форма, како и од сличен материјал, трска, а притоа поради малата специфична тежина воопшто не ја оптоварува покривната конструкција, како некои други облоги.
2. Подготовка на сламата за покрив
Основата на сламен покрив е, се разбира, слама. Таа мора да биде соодветно подготвена, бидејќи само на тој начин и со редовно одржување покривот може да трае помеѓу 40 и 60 години. Неопходно е да се има предвид уште при садење дека сламата ќе се користи за покривање на покривот. Само одредени житни култури се погодни за покриви, кои мора да бидат засадени на одреден тип почва. Затоа најчесто се користи пченицата, но и оризот или ржта.
Пред да се бере сламата, мора да и се дозволи да порасне до потребната висина, помеѓу 1 и 2 м. Важно е да биде што помека и потенка. Кога родот е зрел, се бере, се суши, а потоа зрното се одвојува од стебленцата. На крајот, сламата мора да се исчисти со специјално гребло. Кога сè е готово и подготвено, се собира во снопови со различни големини за да се вклопи во одредени позиции, а таквиот сноп тогаш е основниот градежен елемент за покривање на покривот.
3. Изработка на покрив од слама
Кога сламата е подготвена, можете да почнете да го покривате покривот. Покривната конструкција најпрво се подготвува на одреден начин, а потоа започнува распоредот на сноповите. Сртот на покривот дополнително се прицврстува со штици или сноповите се шијат со слама. На крајот, рабовите на покривот дополнително се зацврстуваат, односно се опшиваат, бидејќи на тој начин сламата подобро се заштитува од атмосферските влијанија.
4. Боја на сламениот покрив
Со текот на годините, сламениот покрив добива посебна сивкаста патина и одлично се вклопува со сите традиционални градби. Ако сакате да ја зачувате оригиналната, светла боја, покривот може да се заштити со специјални премази по завршувањето на работата.
5. Употреба на сламен покрив и дозволена косина
Сламениот покрив се користи за реставрација на традиционалната архитектура како фарми и салаши, за покривање викендици, градинарски павилјони, помошни објекти, но и новоизградени индивидуални објекти, особено угостителски кои се ориентирани кон етничките трендови. Сламениот покрив се поставува на двоводни објекти, без остри прекини, со минимален наклон од 45º и максимум 80º, а неговата дебелина е околу 20 цм.
6. Цена на сламен покрив
Колку чини сламен покрив? Сламениот покрив не е најдобро решение бидејќи бара многу рачна работа, а не е најекономичен, сепак, од естетски и еколошки аспект, секако е одличен избор. На самиот почеток, сламениот покрив е поголема инвестиција, иако е многу издржлив и ќе бара помалку одржување, или поретко поправки, отколку класичниот покрив. Во цената на сламен покрив е вклучена и набавка на материјали (слама, трска, рогозина), која е релативно евтина, како и услуги на мајсторот кои се движат од 15 до 25 евра/м2. Цената на покривање на покрив чиј наклон е поголем од 45° е околу 50 евра/м2. Сепак, има многу малку мајстори за сламени покриви, бидејќи занаетот речиси исчезна, па затоа е многу поважно, од самата цена, да се најде мајстор.